
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска се сретна со група македонски студенти кои студираат на престижните британски универзитети при нејзината посета во Лондон по повод 30-годишнината од воспоставувањето на македонско-британските дипломатски односи. Оваа средба беше организирана од Македонската амбасада во Лондон.
– На универзитетите во Обединетото Кралство, кои важат за едни од најпочитуваните во светот и се карактеризираат со вековна традиција, не е мал бројот на македонски студенти. Ми причинува задоволство што имав можност да остварам средба со талентирани и амбициозни млади интелектуалци, стипендисти, поддржани од Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија и од „Чивнинг“ – меѓународна програма за стипендии од Владата на Обединетото Кралство, - истакна Костадиновска-Стојчевска.
На средбата, студентите кои ги стекнуваат своите знаења на универзитетите во Лондон, Манчестер, Бристол, Виндзор ја информираа министерката дека нивната заедница на стипендисти е најголема во Манчестер.

Тие ги споделија придобивките од студиите на универзитетите во Обединетото Кралство, при што рекоа дека нивна заедничка цел е професионално да се реализираат во својата држава. Искрено веруваат дека во матичната земја ќе се валозираат нивните знаења и искуства од британските универзитети и ќе бидат препознаени придобивките од нивна вклученост во унапредување на секторите за кои се школувани.
Македонските студенти ја искажаа својата подготвеност и желба да ги имплеметираат своите вештини во развојот на македонската држава. Посочија дека е корисно да ги употребат сите меѓународни врски што ги стекнале во студентските кампуси за да привлечат странски инвестиции и да отворат сопствени бизниси. На тој начин, преку контактите и вмрежувањето што ги оствариле во Обединетото Кралство, ќе можат да ги зајакнат политиките на локално ниво и ќе придонесат за развој на македонската економија, во сопствената татковина.
– Разговаравме за начините како активно да се поддржат нивните идеи со фокус на иновации и истражувања и да се спроведат нивните иницијативи заеднички, со заложбите на Владата и на Министерството за култура. Покрај дефицитарните кадри во државата, треба да се искористат и да се пополнат и местата за професионалните кадри кои ни се потребни и неопходни за во иднина, преку активно вклучување на младите студенти и професионалци, кои се двигатели на секое општество – истакна Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека е од непроценливо значење што престојуваат и учат во Обединетото Кралство бидејќи тоа е ретка можност да се запознаат луѓето од целиот свет и да се научи повеќе за нивната култура и традиција.

Денес, во Општина Битола, се одржа конститутивна седница на Советот за женско претприемништво, кој има за цел да ги претставува и застапува интересите на актуелните и потенцијални жени претприемачки во општина Битола преку давање на мислења и препораки за прашања од интерес на женското претприемништво и еднаквите можности, креирање на планови, стратегии и политики за поддршка на жените претприемачки и економско зајакнување на жените. На конститутивната седница, за значењето на женското претприемништво, говореа координаторката за Пелагонискиот регион на националната платформа за претприемништво, Даниела Цветановска и правниот советник Талија Петреска. Присутните членови на Советот, ги поздрави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, посакувајќи им успешна работа:

„Сигурен сум дека, сите вие кои се пријавивте на јавниот повик на општината за членки на овој совет, имате силна визија и верувате во успешната поддршка која може да ја даде ова тело за економското јакнење на жената, затоа што познавајќи ве и самите сте добар пример за големите достигнувања на женската ангажираност во областите во кои работите или дејностите кои ги менаџирате.
Преку споделување на Вашите знаења, искуства, идеи и иницијативи, очекувам општината да даде поттик и поддршка во застапувањето на интересите на актуелните и потенцијалните жени претприемачки во Битола, а преку програмите и плановите кои ќе ги донесете, заедно да овозможиме економско зајакнување на жените“, рече градоначалникот Коњановски во своето обраќање.

Претседателката на Советот, Габриела Илиевска, која е и претседател на комисијата за еднакви можности меѓу жените и мажите, потенцираше дека очекува активност и остварување на планираните цели:
„Многу е важно планираните цели да не останат само на хартија. Поддршката од комисијата за еднакви можности, никогаш не била спорна и нема ниту да биде. Се надевам дека во периодот што следува, ќе имаме почести средби, почеста комуникација и делување со кое ќе ги оствариме целите“, рече претседателката на Советот, Илиевска.

Членовите на Советот за женско претприемништво, за претседателка ја избраа Ана Ристевска, сопственик и управител на Јавен Адвертајзинг Битола, а за заменички беа избрани Оливера Пандаревиќ и Моника Марковска.
„Преку советот за женско претприемништво максимално ќе се залагаме за поттикнување на жените за учеството во бизнис секторот како основачи на фирми и да ги искористуваат сите можност за поддршка. Сметам дека формирањето на овој совет е клучно за Пелагонискиот регион, бидејќи не само што придонесува за задржување кадри, туку и го поттикнува општествениот напредок преку искористување на женските вештини и иницијативи. Максимално ќе се залагаме лично јас, а и сите останати членови од советот да ги оствариме првично зацртаните цели и да создаваме нови можности за поттикнување на жените од најразлични области и возрасни категории“, рече Д-р Ана Ристевска, сопственик и управител на Јавен Адвертајзинг Битола.

Медиумската писменост е интелектуална слобода, истакна проф. д-р Марјан Танушевски, новинар на МИА, на денешниот Прес-Агол што се одржа во Бизнис академија Смилевски, а во рамки на манифестациите Денови на медиумска писменост.
Националната установа - Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“- Битола по повод Меѓународниот ден против насилство врз жените распишува литературен и ликовен конкурс на тема „Рацете во портокалово срце“ .
