
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Младите од седум рурални општини од Пелагонискиот регион го изодеа „административниот пат“ до реализација на своите идеи. По иницијатива на 50-тина млади кои беа дел проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија“ во изминатите 12 месеци беа изградени две теретани на отворено во Новаци и Могила, се уредија два паркови во Демир Хисар и Кривогаштани, се опреми кино на отворено во Крушево и се уреди спортски терен во Долнени. Објектите се изградени со заедничко финансирање од Амбасадата на Кралството Холандија и општинските буџети.
Апатичноста и пасивноста на младите од руралните средини во Пелагонија, трендот на иселување село – град и недовербата кон институциите беше причината организацијата Про Локал во соработка со уште девет локални партнери да организира интензивен процес на вклучување на младите во јавниот живот.

Проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија“ функционираше како отворена Академија за лидери, активностите се реализираа на јазик разбирлив за младите – дигитално и на несекојдневни локации како островот Голем град, адреналинскиот парк во Крушево, хајкинг патеките на Галичица и Пелистер, фитнес тереана... Преку иновативни работилници, мотивациски дебати со успешни личности, симулации на работењето на јавните институции, средби со градоначалниците и советниците од регионот се градеа капацитетите на младите за да стекнат знаења и практични вештини да ја променат средината во која живеат.
Младите имаа привилегија да учествуваат на тренингот „Training on EU citizens/youth engagement practices“, кој го водеа експерти од Хаг од Академијата за Локлано Владеење која е водечка организација во светски рамки за граѓанско учество во носењето на локални политики. Добија и Сертификат за завршен тренинг кој е признат во ЕУ ( вредноста на тренингот надвор од проектот е неколку илјади евра за еден учесник) .
На завршната конференција која се одржа вчера во Битола, заменик амбасадорот на Холандија во земјава, г-дин Роберт Декер им порача на младите да ги искористат овие знаења и да делуваат – затоа што обврската да го променат местото во кое живеат им останува ним.
„Трениравме група млади луѓе за лидерски вештини, демократија, човекови права, но исто така како да ги презентираат нивните идеи и да работат заедно со општините. Градоначалниците ги слушаа младите луѓе, какви идеи имаат за нивните општини и на тие идеи беше основана соработка за да се спроведат во средината каде живеат“, рече Роберт Декер, заменик амбасадор во Амбасадата на Кралството Холандија.

Градоначалниците од регионот потпишаа и Меморандум за формирање на првата регионална платформа за млади, преку која општините заедно со Про Локал и локалните организации ќе работат решавање на проблемите и унапредување на состојбата на младите во Пелагонија.
„Од една страна младите го научија формалниот административен процес , како да се обратат до градоначалниците и Советите за да реализираат конкретен проект. Од друга страна, ги зајакнаа капацитетите лидерство, настап во јавност, знаење за процедурите на донаторите, апликаци кои им се потребни како административна култура да можат да се вклучат во јавниот живот“, рече Емилиа Ѓероска, претседател Про Локал.

Поради позитивните промени врз младите од рурална Пелагонија, Про Локал ќе продолжи со реализација на проектот и во наредните две години со поддршка од Амбасадата на Кралството Холандија во земјата, а во периодот 2022-2024 ќе бидат вклучени и општините Битола и Прилеп, 50 нови учесници и ќе бидат изградени 9 нови инфраструктурни објекти од мал обем по предлог на младите од пелагониските општини.



Една од најуспешните актерки што битолското глумиште ја имало, Соња Михајлова, заминува во пензија. Тоа го соопшти од сцената за време на роденденскиот музичко-сценски преформанс за 78-годишнината од постоењето на Народниот театар од Битола. Михајлова пред публиката, која ја имаше исполнето театарската сала до последно седиште, кажа дека оди во пензија, но нема намера да се откаже од сцената.
„Глумата и театарот се засекогаш со мене и во мене. И ќе бидам овде и тука за живот на Народен театар Битола. Театарот и глумата се љубов што трае како што трае НТБ“, рече Михајлова.
Таа се присети дека заминала да студира на стоматологија и по една година студии, под влијание на битолското друштво на чело со Петар Мирчевски, „Пепи Пивцето, де“, како што рече, се пријавила на приемен за глума. Од едниот факултет се префрлила на другиот. Не од мали нозе, туку од големи се вљубила во тетарот. Во трета година од студиите стапнала на сцената на Битолскиот театар во дипломската претстава „Пеш“ на режисерот Владо Цветановски.
„И пешки го започнав тетарското патување и дружбата во театарското семејство. Патувавме многу во тогашна Југославија од Битола до Љубљана на долго и на широко, во автобусот се живееше патувачки театар, се јадеше, пиеше, се играше и смееше. Бевме редовни гости на фестивали, по десетина дена како субвенционирано летување. НТБ беше бренд во Југославија секаде дочекуван со почит, престиж на режисерите да дојдат да режираат кај нас. А на сцената бурно. Претстава за претстава, по 8-9 премиери годишно, по 20 до 250 одиграни претстави годишно“, рече таа.
Се присети дека еднаш дури дала и отказ од работа, но се вратила назад зашто од пишаното и љубовта не се бега. Спомна и моменти од кариерата кои денес изгледаат смешно, но биле опасни.
„Техниката е многу важен дел од семејството за да не се случи она како на претставата ‘Лет во место’ кога за влакно ги избегнавме чардакот од сцеографијата кој се сруши на сред претстава. Еднаш се набавија сценски куршими-ќорци, колегата Цобе пука на сцената, но од ќорецот излезе солзевец, и ние и публиката не знаевме каде да излеземе. Дијазепам беше чашка алкохол и дружба во бифе. Некогаш ваквиот дијазепам беше со продолжено дејство“, рече Михајлова.
Покрај неа, годинава во пензија заминаа и Петар Мирчевски, Менка Бојаџиева, режисерот Љупчо Ѓоргиевски, сценографот Драган Ангелковиќ, светло мајсторот Илија Димовски, гардероберка Елена Христовска. Публиката ги поздрави со голем аплуз, а Илина Чоревска, водителка на перформансот, рече дека на помладите колеги им останува да го продолжат нивниот завет.
„Од 1945 БНТ има изведено над 600 премиери, над 12.000 претстави и го посетиле над 5 милиони гледачи. Токму затоа денес е несомнено најуспешниот театарски ансамбл во Македонија. Брои над 70 вработени. Низ неговите врати на македонската сцена влегле голем број на театарски режисерки имиња кои најпрво режирале во нашиот театар. Гостувања до САД, Кина Австралија. Само во последните 4 години НТБ доби повеќе од 25 награди“, рече Чоревска.
Роденденскиот перформанс беше вистинско уживање за публиката, полн смеа. Во него актерите како што и претходно практикувале за родендените се претставија со делови од свои монолози, шеги, а некои и со песни. Петар Горко и Маја Андоновска-Илијевски во улоги на Тома Здравковиќ и Силвана Арманулиќ ја испееја песната „Полноќ е“. Катерина Аневска прекрасно ја изведе „Дениција“ од Петре М. Андреевски додека Огнен Дранговски свиреше на гитара, други актери во ритамот „Бела чао“ пееја „И пак да се родам тука ќе дојдам во мојот Театар битолски“. На сцена со шегите се надмина Петар Спировски глумејќи чистачка која сака да стене актерка.
