2win800x200

Полуматураните пред одлука, почна првиот уписен рок во средните училишта во Битола

Јуни 18, 2018

Првиот уписен рок во средните училишта во Битола започна денеска. Во 7- те средни училишта од градот според распишаниот конкурс на  Министерството за образование и наука предвидени се вкупно 1966 слободни места, што е речиси двојно повеќе од завршени полуматуранти годинава, односно 1020 ученици. Но, во средните училишта во Битола се запишуваат деветоодделенци и од околните општини и градови.

 

Во средното училиште „Таки Даскало“ предвидено е да се запишат најголем број на ученици 612, распределени во 18 паралелки. Од нив 544 во 16 паралелки со настава на македонски јазик  и 68 ученици во 2 паралелки со настава на албански јазик.

Во средното медицинско училиште  „Д-р.Јован Калаузи“отворени се 306 места за 9 паралелки, од кои 8 на македонски јазик и една паралелка на албански јазик, доколку за тоа има доволен број на ученици.

Денеска на првиот ден од уписот полуматураните покажаа голем интерес за техничкото училиште  „Ѓорѓи Наумов“ во Битола.

-Размислуваме цела година наназат каде да се запишиме  и се одлучивме да избереме струка која ќе значи изучување на  занает, нешто што се цени во моментов во светот, тоа е информатичар. Затоа го избравме Техничкото училиште, изјави Васко Н. родител на полуматурант.

И според директорот на училиштето Владимир Роме, учениците најмногу се распрашувале за образовниот профил компјутерска техника и информатика.

-Оваа година  имаме околу 300 ученици за запишување, од кои поголемиот број се за електротехничката,  а помал дел за машинската струка. Досега се запишани 5 паралелки во електро струката, и на добар пат сме да запишеме две паралелки најмалку во машинската струка. Очекуваме годинава да имаме рекорден број на ученици, за разлика од минатите години.   Дали тоа е резултат на нашата пропаганда што ја правевме во изминатиот период, дали е до тоа што голем број на фирми се заинтересирани за вработување на ученици, не знаеме, но во секој случај сме задоволни од првиот ден на првиот уписен рок, изјави Владимир Роме, директор на Техничкото училиште во Битола.

Во битолската гимназија „Јосип Броз Тито“, пак, ќе можат да се запишат 204 ученици, во 6 паралелки со настава на македонски јазик.

Годинава во средното Економско училиште е предвидена уште една паралелка или вкупно  4 паралелки  и плус една паралелка со тригодишно образование, што во бројка значи  170 ученици за економско правна и трговска струка распределени во 5 паралелки со настава на македонски јазик .

Во средното земјоделско училиште „Кузман Шапкарев“ во 5 паралелки со настава на македонски јазик  за земјоделско ветеринарната струка ќе можат да се запишат 170 ученици.

Во Државното музичко училиште според конкурсот на Министерството за образование ќе можат да се запишат 34 ученици за уметничко образование-музичка уметност за насока музичар теоретичар и музичар, во една паралелка со настава на македонски јазик.

Резултатите од првиот уписен рок ќе бидат објавени на 20 ти јуни во среда. Оние ученици кои што нема да успеат да се запишат во првиот уписен рок, ќе имаат шанса да конкурираат и на  вториот уписен рок во сите средни училишта во градот каде што ќе останат слободни места.

 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани