Колку и да изгледаат на прв поглед разочарувачки денешниве 132 нови случаи, сепак веќе ги забележуваме првите знаци на исцрпеност на трендот, пишува во своите математичко-статистички анализи редовниот професор на Техничкиот факултет во Битола, д-р Дејан Трајковски, без да навлегува во медицинските аспекти.
На првиот дијаграм (за дневната промена, зелената линија) можеби наредните денови ќе видиме убаво формиран втор пик (врв), под услов да нема големи и чести скокови над 150 дневни случаи, што изгледа прилично веројатно, вели професорот Трајковски
Уште поважно, базичниот репродукционен број R0 е практично единица (во границите на случајните грешки), како што се гледа на вториот дијаграм. Ова сé уште не е доволно добро, ама барем кажува дека сме на добар пат. Уште се забележува дека врвот на R0 бил една недела по Рамазан бајрам (заради времето на инкубација од 7 дена) и веќе поминал. Откако завршиле масовните посети и честитања, народот се вратил на вообичаените секојдневни контакти и R0 сега се враќа кон каква-таква нормала. Но, не смееме да бидеме задоволни ни со оваа вредност за R0, туку со ограничување на контактите треба дополнително да го спуштиме под единица. Ни фали само малку повеќе дисциплина, особено во Скопје, додава Трајковски
Третиот дијаграм дава решенија на диференцијалните равенки на мојот MSIR модел - симулации на вкупниот број на заразени, активните и оздравените со починатите) за наредниот месец, под услов да биде R0=0.9. Иако се очекува вкупниот број на заразени да расте, барем бројот на активни случаи ќе започне да опаѓа, откако ќе досигне максимум за околу една недела од денес.
Четврто и последно за денес, фазниот портрет исто така најавува приближување на врвот за активните случаи, кои би требало да го видиме за една недела, вели професорот Трајковски
Е.М.