АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Уште повеќе се заостри реториката меѓу претседателката на Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска од независната советничка група „Поинаку“ и градоначалникот Тони Коњановски од ВМРО-ДПМНЕ.
Илиевска на денешната седница на Советот го обвини Коњановски за диктатура зашто до неа стигнал допис од секретарот на Општината дека доколку бара информации до општинската администрација, треба да ги достави до нив, што таа го оквалификува како обид за запирање на информациите. Градоначалникот пак, кажа дека постапуваат според законските одредби, Статутот и Деловникот на Општината во однос на обврските на службите и нема да дозволат врз администрацијата да се врши психички мобинг.
Новата конфронтација настана откако Илиевска побара од раководителите на сектори и одделенија во Општината да ѝ се достави писмено образложение по предлог точките што ги имаат доставено за 30 седница на Советот.
„До мене стигна допис од секретарот на Општината со кое ми налага како на советник и претседател на Советот доколку сакам да добијам било каква информација морам да се обратам до нив притоа не смеам да се обратам до ниедна од другите служби зашто за тоа немам надлежност. Ми беше кажано дека вакви лични услуги, да се испраќа известување до претседателката на Советот, нема веќе да ги вршат службите, а замислете имаме служба за поддршка на Советот. Градоначалник, ова е класична диктатура, која никогаш нема да ја дозволам и да кажите дали ќе го отповикате дописот“, рече Илиевска.
Од Општина Битола одговорија дека се испочитувани законските одредби во однос на обврските на општинските служби. Согласно Законот за локална самоуправа, оној за административни службеници и Статутот на Општината, градоначалникот и секретарот раководат со општинската администрација, па барањата за информации треба да бидат доставени до нив, па тие понатаму да ги проследат до соодветните сектори и одделенија. Велат во случајот се барало дополнително писмено образложение по точките кога за истите биле изготвен и доставени материјали, а доколку има потреба предлагачите од редот на општинската администрација на соодветните работни тела или на самата седница даваат стручни образложенија или мислења.
„Општинската администрација и секретарот се на располагање на Советот и граѓаните и тоа јасно сите го имате на увид, тука не треба дискусија, секојдневно сме во контакт и со советниците и со граѓаните и со претседателката на Советот и се она што треба да го добие. Меѓутоа, нема да дозволам психички мобинг врз административните службеници од било кого, вклучувајќи ја и претседателката Советот“, рече Коњановски.
Веќе неколку месеци се нарушени односите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Поинаку“ откако се распадна советничкото мнозинството во битолскиот Совет.
Ж.З.
Во решението на Второстепената комисија за одлучување на инспекциски надзор никаде не пишува дека претседателката била во право со прекинувањето на седницата, таму има само технички забелешки, рече градоначалникот Тони Коњановски одговарајќи на новинарско прашање во врска со решението на второстепниот орган со кое е уважена жалбата на Илиевска, а понишетно решението на инспекторот од 18 мај годинава со кое Илиевска од независната граѓанска иницијатива Поинаку беше опоменета дека згрешила што ја прекинала 26. седница.
На обвинувањата на Илиевска дека веќе неколку месеци нарушена е комуникацијата меѓу Советот и градоначалникот Коњановски рече: „Постојано ги повикувам и советниците и координаторите на советничките групи. Мојата врата е отворена. Не знам како лично да се поканат, велам вратата за сите е отворена, јавно ги повикав сите и ќе оствариме средба за рабалансот. Не гледам зошто некој се осетил обесправен“, рече тој.
За ребалансот на буџетот со амандманите од опозицијата изгласан на 11 јули рече дека не може да се вчита во финансиската рамка на Министерството за финансии, па треба да се отповика и да се изгласа новопредложениот ребаланс кој ги содржи сите оние прелози што можат да се покријат финансиски.
„Ребалансот не може да се вчита зашто буџетската рамка ја надминуваше за 116 милиони денари и како известување го добивме од Министерството за финансии, па ребалансот е вратен назад, направивме нов, рекомпониравме, уваживме дел од предлозите, за некои ќе разговареме на координатирвниот состанок пред седницата. Се за добробит на граѓаните, да не одиме преку судски инстанци. Градот не смее да биде блокиран. Пратен е предлог ребалансот во рокот кој е законски предвиден 20 дена пред седницата на разгледување и сите предлози кои можат да се вчитат ќе бидет прифатени“, рече градоначалникот на Битола.
Ж.З.