ИЗЛОЖБА ПОСВЕТЕНА НА МАКЕДОНСКАТА ТРАДИЦИЈА – ИНСПИРАЦИЈА ВО БОИ И ПЛАТНО
Во рамките на Програмата на фестивалот „Илинденски денови“, синоќа во фоајето на Кино „Манаки“ беше отворена изложбата на уметнички слики во маслена техника насловена „Македонско девојче 2 – Македонската народна носија како инспирација“.
Автор на изложбата е Раде Најдовски, кој преку своите платна создава визуелен омаж на богатото културно наследство и убавината на македонската народна носија. Со впечатливи бои, прецизни детали и длабока почит кон традицијата, уметникот нè води низ свет исполнет со симболи, орнаменти и идентитет.
Изложбата претставува продолжение на авторовото творечко истражување и љубов кон македонската култура, прикажувајќи ја женската убавина и достоинство преку традиционалната облека – вистинска инспирација што живее и денес.
Фестивалот „Илинденски денови“ е дел од Програмата на Битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“.
