2win800x200

Бев жртва на семејно насилство, во животот ја искусив и правдата и неправдата

Јануари 28, 2020

Од 1 јануари до  30 септември годинава пријавени се 44 случаи на семејно насилство врз жени во градот Битола и 13 случаи на насилство врз жени по селата.

Аница Аврамовска (58), од пелагониското село Новаци е жртва на семејно насилство. Млада останала  самохрана  мајка, со две деца и по смртта на нејзиниот сопруг била нападната од свекорот. Случајот го пријавила во полиција. Судот во Битола пресудил во нејзина корист, но по пресудата свекорот ја избркал од семејната куќа во која со години живееле и придонесувале со сопругот.

 -Бев жртва на свекорот, по смртта на сопругот ме нападна во купатилото  додека се капев. На што личеше тоа, свекор да ти влези во купатило? Тоа беше најтрагичното. После тоа не избрка. Сакаше да ме убие, да не сум постоела веќе. Го пријавив, на судот падна и ме исфрли од куќата. Судијата беше жена и само што ме виде рече-има многу вакви случки, и го осуди свекорот, раскажува Аница за весникот „Зелена берза“ констатирајќи дека-Повеќето жени по селата „се жртви на насилство од своите дома, но за тоа најчесто се молчи“.

Случајот на Аница е пред десеттина години, но ситуацијата со семејното насилство во државата не се менува на подобро, напротив од година во година е се полошо.

Според официјалните бројки на Центарот за социјални работи во Битола и годинава во првите девет месеци регистрирани се 57 случаи на семејно насилство врз жени, и од градот и од селата.

-Според нашата статистика од 1 јануари до  30 септември годинава пријавени се 44 случаи на семејно насилство врз жени во градот Битола и 13 случаи на насилство врз жени по селата што се под надлежност на Центарот, изјави Моника Стојчевска, ве-де директор на Центарот за социјални работи во Битола за „Зелена берза“.

Голготата на Аница

Голготата на Аница започнала кога сестрите на покојниот сопруг, покренале судска постапка да и ја одземат семејната куќа во која живеела  со синот, а која се уште била имот на нејзниот свекор.  Иако за неа и за многумина било несфатливо, судот пресудил да и се одземе куќата, така  Аница и синот преку ноќ се нашле на улица , а ќерката пред тоа ја омажиле.

-Сопругот ми почина на 47 години, млад, само три години по неговата смрт моите  золви, односно неговите сестри ми ја зедоа куќата, со син ми преку ноќ не исфрлија на улица. И замислете отидовме на суд и на Основен суд пресудија дека имаме право на куќата, ама кога предметот отиде на Апелација, пресуди дека немаме право на нашиот дом. Со децении со сопругот градевме и работавме на таа куќа. Тој работеше возач во ЗК Пелагонија,  земаше пари, вложуваше во нејзиното  одржување, побаравме дел од куќата, судот и тоа не ни го дозволи. Куќата беше проценета на 50 илјади евра, барем 10 илјади евра да ни дадеа  да почневме од некаде. Не, не сме имале право ни рекоа, и на ден Велигден ни дојде пресуда-како знајте да се иселите, ја раскажува Аница својата животна приказна за „Зелена берза“.

Рокот за иселување од куќата првично бил два дена, за потоа по жалба да се пролонгира  на 15 дена. Во тоа време едвај успеале да најдат засолниште.

-Тешко беше, за кусо време отидовме под кирија, три пати се селевме, па решивме да градиме наша куќа. Премногу тешко го поминав тој период, особено како самохрана мајка. Не бев вработена и малку тутун што работев на нивата со тоа  живеев, да го предадам тутунот, па да имаме за лебче. Тешко беше, тежок животот. Кога останав сама  имав 42 години, и додека да стигнам до правото на семејна пензија, едвај доаѓавме до парче леб, се присетува Аница.  

Загрижувачки тренд на прифаќање на насилството во Македонија

Во речиси 90 проценти од сите пријавени случаи на семејно насилство жртвите се жени, говорат анализите на Хелсиншкиот комитет.

Заклучно со септември годинава, во Македонија биле пријавени 709 случаи на семејно насилство во државата, од нив, 610 жртви биле жени. И во светски рамки, бројките се поразителни- секоја трета жена била жртва на некаква форма на насилство во домот.

Од Хелсиншки предупредуваат дека само два отсто од жените кои доживеале насилство од сегашен партнер го пријавиле тоа во полиција, па оттука, бројката на жртви веројатно е далеку поголема.

Истражувањето, пак, на ОБСЕ покажува дека постои и загрижувачки тренд на прифаќање на насилството во Македонија. Според ова истражување, секоја шеста  жена смета дека насилството врз жените е вообичаено, а речиси три од десет сметаат дека тоа е многу честа појава.

Во 2018 година во центрите за социјална работа во Македонија биле регистрирани 1300 случаи на семејно насилство, во кои најголемиот дел од жртвите биле жени.

https://zelenaberza.com.mk/bev-zrtva-na-semejno-nasisltvo-vo-zivotot-ja-iskusiv-i-pravdata-i-nepravdata/?fbclid=IwAR3f4JaHIEYb33P_9Jj5UwXwod9fdcFHATuf6sQepKYDxod1DJRHnfenjDc

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани