АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Промена на седиштето на Правниот факултет на битолскиот Универзитет „Св. Климент Охридски“ од Кичево во Битола, побараа битолските пратеници Александар Кирацовски и Горан Милевски преку предлог измени по скратена постапка на постојниот Закон. Предлагачите го поднесоа предлог законот до Собранието на РМ на 4 мај, а во образложението се наведува дека Правниот факултет во Кичево досега се соочувал со повеќе проблеми и потешкотии во неговот функционирање, одржливост и развој
-Во моментов на Правниот факултет – Кичево (со дисперзирани студии во Битола и во Струга) постои значителна диспропорција на бројот на студенти кои студираат на дисперзираните студии во Битола, наспроти бројот на студенти запишани во седиштето во Кичево, соодносот е речиси 5 (пет) спрема 1 (еден) во корист на дисперзираните студии во Битола. Ваквата состојба сериозно го загрозува опстојувањето на факултетот, и со тоа генерира мноштво проблеми кои директно ја загрозуваат неговата елементарна одржливост во согласност со член 27 од Законот за високото образование и одредбите од Уредбата за нормативи и стандарди, се наведува во образложението на предлогот од пратениците.
Пратениците посочуваат дека Битола нуди повеќе можности за студентите, како голем број средни училишта кои претставуваат база за регрутирање нови студенти, сместувачки капацитети, студентско организирање и пристап до културни установи, додека ја истакнуваат и традицијата на градот во делот на правото.
-Со промената на седиштето на факултетот од Кичево во Битола, директно ќе се зголеми атрактивноста на факултетот за упис на нови студенти, но и подобрување на досегашниот уписен тренд, и тоа не само во квантитативна, туку и во квалитативна смисла на зборот, притоа запишувајќи студенти кои своето средно образование го завршиле со висок успех. Сето тоа ќе овозможи квалитативен развој на факултетот во иднина, и стекнување на услови за негово проширување со нови студиски програми, како на прв, така и на втор и трет циклус на студии, наведуваат пратениците во текстот на предложените законски измени
Предлог законот е ставен на дневен ред на 46-тата седница на Собранието на РМ, закажана на 21 мај.