
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Дали да работат јавните претпријатија или приватни фирми на изградба на канализационата мрежа во Битола? На оваа тема денеска вербално се „пресметаа“ претседателот на Совет Бојан Бојкоски од ВМРО-ДПМНЕ и советничката на СДСМ Софија Ристевска-Петрушевска. Бојкоски ја обвини советничката на СДСМ дека безобразно и дрско ги лажи граѓаните дека ќе се зголемат цените на ЈП Нискоградба Битола и притоа ја запраша дали целта и е да работи Нискоградба или приватни фирми? Од друга страна советничката возврати дека е „грозен спин“, дека таа нема фирми што го засегаат работењето на Нискоградба Битола.
Спорот настана околу точката на дневен ред - Решение за давање согласност на ценовник за донесување на изведување на градежни работи за канализациони објекти на КЈП Нискоградба за потребите на Општина Битола, согласно договорите на Општина Битола склучени во вториот јавен повик меѓу Владата и министерствата со примена на член 24 од Законот за јавни набавки.
Софија Ристевска-Петрушева од говорница настапи со реториката дека ќе се зголемат цените на услугите на Нискоградба Битола.
„Не знам зошто Нискоградба ги зголемува цените, какви услуги ни пружи на нас граѓаните кога овој град е константно поплавен“, рече Ристевска-Петрушевска.
На ова и’ реплицираше претседателот на Совет, Бојан Бојкоски со квалификација дека советничката на СДСМ ги лаже граѓаните.
„Претходно слушнавме од колешката како безобразно и дрско ги лажи граѓаните дека ќе се зголемат цените на ЈП Нискоградба. Ако целата е на колешката изведувањето на канализационите мрежи да ги изведуваат приватни компании, а цело време тука на Совет се зборува дека се’ она што можат да го работат јавните претпријатија да им се дава нив работата, да не се распишуваат тендери, тоа е нејзин избор. Меѓутоа, тоа ќе го направи кога таа ќе биде градоначалник на Општина Битола и кога ќе има мнозинство. Очигледно дека приватниот интерес и бизнис интересите на колешката се над јавниот интерес и интересите на вработените во јавните претпријатија“, возврати Бојкоски и продолжи –„Доколку колешката не сака да работат јавните претпријатија тогаш нека си каже јавно и гласно дека Нискоградба не треба ништо да работи. Не се зголемуваат цените! Жалам што има советници кои не се грижат за јавните претпријатија и сакаат приватните субјекти на повеќе нивоа, тие да профитираат. Додека е оваа гарнитура и мнозинство јавниот интерес ќе биде пред се’. А приватниот и вашите бизниси нема да бидат предмет на интерес на оваа локална самоуправа,“ порача Бојкоски од говорницата.
На ваквата реторика реплицираше советничката на СДСМ со контра обвинувања.
„Почитуван претседател ова беше грозен спин од ваша страна, јас не сум сопственичка на фирма со багери, ниту копам, ни изведувам некакви такви работи кои што се во доменот на Нискоградба. За приватни субјекти мислам дека сте вие специјалист и вие најдобро знаете како балансирате измеѓу јавното и приватното. Да, се усогласуваат цените, ќе се воведат нови цени кои што сигурно ќе бидат поголеми. Јас во моментов сум обичен советник не сум ни градоначалник, ни претседател на Совет, вие и вашата политичка партија ги има сите јавни претпријатија во своите раце. А моите приватни бизниси, мојот приватен живот и активности немаат ништо заедничко со јавните претпријатија“, возврати Ристевска – Петрушевска.
Анета Блажевска
