Предлог законот за измени и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, денеска беше изгласан од мнозинството пратеници во Парламентот. Пратеникот Пеце Милевски ги објави измените на својот Фејсбук профил:
- Се придвидува возач кој поседува возачка дозвола од Б категорија, да има право да управува мотоцикли со автоматски менувач од категоријата „А1“ чија работна зафатнина на моторот не е поголема од 125 см³ и чија сила на моторот не е поголема од 11 kw, откако ќе наполни 23 години и минимум 5 години важечка возачка дозвола од категорија „Б“ и поседува потврда за посета на 4 часовна теоретска обука и која важи само на територијата на државата. Ова овозможува подобрување на протокот на сообраќајот во урбаните средини, особено во услови кога најчесто се јавува појавата „еден човек – едно возило“, поголема мобилност на граѓаните и полесен пристап до работни места, услуги и други активности.
Зголемената употреба на помали моторни возила ќе значи придонес во заштитата на животната средина преку намалување на емисиите на штетни гасови и намалување сообраќајниот метеж.
Новите промени во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата обезбедуваат поефикасен сообраќај преку зголемувањето на проточноста и намалено загадување на урбаните места со концентриран сообраќај преку подобрен квалитет на воздухот, објави пратеникот Милевски.
Инаку, согласно Европската директива 2006/126/Е3, во Европската Унија, можноста за управување на мотоцикл до 125 см³ варира во зависност од земјата.
Некои земји на Европската Унија го дозволуваат тоа под специфични услови, како на пример поседување на дозвола од Б категорија, одреден број години со Б категорија или заврушање на дополнителна обука.
Во некои на самата возачка дозвола мора да се допише посебен национален код со кој што возачот кој поседува возачка дозвола Б категорија, ќе има право да управува мотоцикл до 125 см³ од категоријата А1.
Држави каде може да се управува мотоцикл до 125 см³ со возачка дозвола од Б категорија се: Шпанија, Грција, Португалија, Франција, Австрија, Чешка, Белгија, Луксенбург, Словенија, Полска и др.
На пример, во Италија на возачите со Б категорија им е дозволено да управуваат мотоцикл до 125 cm³ без полагање дополнителен возачки испит, под услов да поседуваат возачка дозвола одреден временски период.