Со ликовна работилница во ЕКО паркот во Градскиот парк во Битола, на која учествуваа ученици од битолските училишта со нивните ликовни педагози, заврши годинешното јубилејно 40 издание на Малиот битолски Монмартр.
Годинава, за жал, поради пандемијата, не допатуаа деца од целиот свет да учествуваат на манифестацијата.
Градоначалничката Наташа Петровска ги посети учесниците на завршниот настан, а заедно со организаторот на фестивалот, Елена Хаџиантоновска, доделија благодарници до менторите на учениците од битолските градинки и училишта, како и мали подароци за учесниците.
„Оваа година се одбележуваат 40 години на Малиот битолски Монмартр, кој е голем по многу нешта и значаен за нас битолчани, но за жал годинава без чичко Коста. Ова што се случуваше во изминатите денови, од отворањето, изложбите, цртањето, само покажува дека боите, страстите, желбите и енергијата кај луѓето никогаш не можат да умрат. Нашиот град годинава, покрај тоа што даде целосна поддршка на 40-тото издание, останува отворен во следните години за сите понатамошни идеи кои што ги имаат граѓаните за зачувување на овој наш бренд и оваа манифестација, која што заедно сметаме дека е соодветна, бидејќи Битола е препознатлива по Малиот битолски монмартр“, истакна градоначалничката Петровска.
„Од оваа година, е востановена нова награда во чест на мојот татко Коста Хаџиантоновски, како почесна награда, која годинава отпатува во Португалија. Им се заблагодарувам на сите кои помогнаа да се реализира ова издание, посебно за 100% поддршка од страна на Општина Битола“, рече Хаџиантоновска.
Дел од младите ликовни творци и подарија свои дела, создадени во Еко паркот, на градоначалничката Наташа Петровска.