Пушува: Александар Литовски
Било како да се размислува за животот, едно треба да биде надвор од било каково сомневање: луѓето не се наоѓаат на оваа планета само за да сонуваат за среќа, туку за да живеат како рамноправни и слободни субјекти, во хармонија и со меѓусебно разбирање. А, сето она што го проживеавме во последните триесетина години беше негација на таквиот принцип. Ја уништивме веќе познатата и во пракса применувана вештина за убаво, здраво и правилно живеење. Онаа вештината преку која животот на еден човек може да се направи исполнет и среќен. И заради тоа да се смета вреден за живеење. Ја нема, или сè помалку ја има, во животот на луѓето онаа пријатност, нежност; чувствителност; внимателеност, претпазливост; пристојост, благост, услужливост, учтивост, љубезност... Сè почесто околу нас гледаме вообразеност, безобразие, насилие, злобност, надуеност, арогантност, нетрпеливост, оѕвереност, дрскост, криминал... Се гради глобално општество без идеологии, па нема борби за идеи, туку има само борби за остварување на, крупни или ситни, интереси. И тие борби ги водат криминални групи преку политичките партии, кои сами себе се нарекуваат демократски, или преку интернационалните капиталистички концерни и монополи.
Светот е сомлен во пеколната мелница на капиталистичкото стопанство и претворен во ѓаволска каша за крмење на профитот. Човештвото, претежно гладно и босо, со векови го стрижеше и дереше, како говедо, разно благородништво, а денес, таа „уметност“ на експлоатација до изнемоштеност е доведена, скоро, до совршеност, оти постојат огромно мнозинство на „среќни робови“. Оттаму, пред наши очи гледаме гниење, дегенерација и распаѓање на хуманизмот, и како појава, и како пракса. Со него и на левите идеологии, секако. Може да се каже дека ја имаме таа несреќна „привилегија“ да го сведочиме почетокот на мортификацијата на планетата земја, хуманизмот и рамноравноста!
Со постепена, ама секојдневна агресивна популаризација на чичолина-демократијата, шундот и бесниот егоизам се врши истребување, уништување, убивање на доблесното живеење и хуманистичките вредности. Врз основа на претпоставената, глупава и квазидемократска, „еднаквост на сечие мислење“ се изврши и се врши релативизација на научната вистина и вредностите, па како резултат на тоа имаме масовна неспособност да се прави разлика помеѓу вистината и лагата, доброто и злото. Сè е релативно, ништо не е извесно, или сигурно. Дури и човечките животи ја загубија својата вредност. Ништо не може да биде алтруистичко и доблесно, сè е сомнително, минатото е неизвесно како и што е неизвесна и иднината, не постои факт, принцип, знаење на кои би се држеле, нема цврста основа за исправено да застанеме и стоиме. Универзалната релативизација на вредностите доведе до исчезнување на сите обележја што можат да ни помогнат да го разбереме светот околу нас и самите себеси во тој свет, да ја одредиме нашата позиција и потоа да видиме што правиме. Во така морално-сеизмички нестабилен свет, креиран од буржоазијата и моделиран од криминалци со бели крагни и „корумпирани“ интелектуалци, скоро ништо човечно повеќе не е реално и важно. Важни се единствено – личниот профит и доминацијата на евроатланските сојузници.
Потребно е да се преземи одговорноста за себе. Инфантилно е да оставаме туѓинци од позиција на сила да судат и решаваат за нас и нашите интереси. Во моментот кога мнозинството ќе се спротивстави на менталното насилство на кое е изложено од сите страни, кога ќе ја отфрли глобалната криминална пропаганда од новиот Рим, која што му се наметнува преку сите светски медиуми, кога ќе му се згади и отфрли буржоаската културна хегемонија, сè ќе дојде на свое место. А, низ историјата имало многу мали и големи Фирери, со свои стратегии за светска доминација и желба за моќ на врховен политички имприматур, желба да го контролираат, забрануваат или одобруваат, секое човечко мислење, зборување, пишување и дејствување. Затоа, од позиција на сила, се објавувале декрети, магни карти, резолуции, извршни наредби, декларации, прогласи... Секогаш, како и денес, околу фирерите се „лепеле“ многу скудоумни следбеници, кои имаат несопирлива желба да се збогатат преку политичка мимикрија, коленичење и одродништво. Но, за нивна несреќа, желбата и обидот за светска доминација е повеќекратно банкротиран илузионистички проект. Оти, државите, големи или мали, силни или слаби, сиромашни или богати, се еднакви и треба да бидат рамноправни во меѓународните односи. Впрочем, Организацијата на Обединетите нации се темели токму врз тој принцип. За жал, секој фашизоиден проект, одново, завршувал со војни, востанија, револуции, буни, гасни комори, масовни помори и уште помасовни егзодуси. Затоа, додека не е предоцна, луѓето, треба да се спротистават на воспоставувањето на било каков врховен политички имприматур!
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)