"Занаетот е златна белегзија – приказна за учење, трпение и живот", овој наслов ја носи приказната за битолчанецот Ѓорѓи Петровски - Ѓуро, напишана од нашиот сограѓанин Михајло Силјанов, професор во Гимназијата "Јосип Броз -Тито" во Битола.
ЗАНАЕТОТ Е ЗЛАТНА БЕЛЕГЗИЈА - приказна за учење, трпение и живот!
Во старата битолска чаршија, меѓу мирисот на сапун и звукот на ножици, сè уште живее еден занает што не се учи од книга, туку од живот. Берберството не е само работа – тоа е приказна, разговор, доверба и, пред сè, учење што трае цел живот.
Ѓорѓи Петровски – Ѓуро со прекарот Гачкио е еден од оние луѓе што со децении го чуваат овој занает жив. Во својот дуќан „Пино“, веќе повеќе од 40 години, тој не само што потстрижува и бричи – туку сведочи за едно време кога занаетите се учеле со трпение, почит и посветеност.
Неговата приказна започнува во 1976 година.
„Тогаш занаетот се учеше четири години, не како сега за неколку месеци“, вели тој. „Прво училиште, па занает. Сè имаше ред.“
Тоа било време кога знаењето не се добивало лесно. Се учело чекор по чекор, со гледање, со повторување, со грешки и со многу трпение. По завршувањето на занаетот и војската, Ѓуро ја отвора својата берберница – не знаејќи дека токму тој простор ќе стане дел од неговиот живот цели 43 години.
Почетоците, како што искрено раскажува, не биле лесни.
„Немаше муштерии. Тешко беше. Со маки, со трпение… ама не се откажав.“
И токму во тие тешки почетоци се гледа вистинската вредност на занаетот – не само како работа, туку како карактер. Со тек на време, со промена на стилови и со упорност, берберницата почнува да се полни.
„После тргна. Сите доаѓаа – спортисти, луѓе од градот… како што се: Александар Зарков големиот капитен на РК ПЕЛИСТЕР
Драган Маринковиќ
Богослав Периќ ракометен тренер
Дејан Периќ светски ракометен голман
Покоен Боро Чурлевски
Серџо Буемба боксер“ и многу други спортисти кои играле во клубовите и се стрижеле кај Ѓуро додека престојувале Битола.
Во тоа време, во Битола имало само неколку бербери. Денес, вели тој, сè е поинаку – побрзо, полесно, но не секогаш подобро.
„Сега учат за неколку месеци и стануваат фризери. Ама не знаат ножици, само машинка. Занаетот не е тоа.“
За него, вистинското знаење не доаѓа од брзи курсеви, туку од искуство.
„Занает се учи со раце, со трпение. Треба да ти лежи, да го сакаш.“
Иако имало млади што сакале да учат, не секогаш било можно да им го пренесе знаењето.
„Доаѓаа да учат, ама мораше лиценца. И син ми учеше, ама не му легна занаетот. Не е за секого.“
Оваа мисла ја носи една важна порака – дека учењето не е само техника, туку и внатрешна желба.
„Треба да ти лежи на душата“, вели тој.
Во неговиот дуќан, времето тече поинаку. На ѕидот стои натпис: „Строго забрането бистрење на политика“. Само битолски мајтапи, вицови, домаќински теми, анегдоти, спортски успеси„Тука луѓето доаѓаат да се опуштат. Да се насмеат“
И токму тоа ја прави оваа работа посебна – контактот со луѓе, секојдневното учење од нив, размената на искуства.
„Секој човек носи нешто свое. Учиш од сите.“
И покрај годините, Ѓуро не престанува да учи.
„Човек учи додека е жив. И денес учам нови модели.“
Оваа едноставна реченица ја носи суштината на образованието на возрасни – дека учењето не е врзано за возраст, туку за желба.
Неговата порака до младите и до сите што размислуваат да научат нешто ново е искрена и директна:
„Да учат занает. Не може сите да чекаат канцеларија. Занаетот е златна белегзија – никогаш нема да те остави гладен.“
И додава нешто што особено одекнува:
„И на 40 години може да се научи. Само треба желба.“

Заклучок:
Приказната на Ѓорѓи Петровски – Ѓуро е потсетник дека вистинското учење не се случува само во училници, туку и во животот, во работата и во секојдневните искуства. Во време кога традиционалните занаети исчезнуваат, ваквите приказни ја нагласуваат важноста на доживотното учење и вредноста на практичните вештини.
Затоа што, како што вели самиот тој – човек учи додека е жив.

Автор: Михајло Сиљанов – Наставник, тренер и пример за доживотно учење