АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Фантомска творба е Самостојниот синдикат на работниците од енергетика, рударство и индустрија при Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, ова е нерепрезентативен синдикат формиран спротивно на сите позитивни законски норми и синдикални практики, беше речено на денешната прес конференција од страна на синдикалната организација на АД ЕСМ и подружница РЕК Битола кои се во рамките на МЕСО-МЕСИ. Според претседателот на МЕСО – Драге Јованоски , Јове Смилевски – претседател на синдикална организација на ЕЛЕМ, Менде Фидановски – претседател на синдикална подружница на РЕК Битола, Горан Михајловски – претседател на подружница ФОД ДООЕЛ Битола, како и членови на Управниот одбор, Синдикалната организација на АД ЕСМ при МЕСО е единствениот легитимен синдикален претставник на работниците во АД ЕСМ.
-Се работи за фантомска творба, формирана спротивно на сите позитивни законски норми и практики на синдикалното здружување во земјава и странство, во име на вистината и интересот на нашите членови, ја известуваме јавноста дека Синдикалната организација на АД ЕСМ при МЕСО е единствениот легитимен синдикален претставник на работниците во АД ЕСМ. Потврда за тоа се сите неопходни документи издадени од соодветните институции во процесот на синдикалното организирање, рече претседателот на МЕСО – Драге Јованоски денеска пред битолските новинари.
Според него истечен е мандатот на сите органи и тела на ССЕРИ при КСС во 2017 години, поради не спроведени синдикални избори утврдено со решение на инспектор.
-За волја на вистината, формирањето на Синдикатот на АД ЕСМ при МЕСО не беше ниту лесно, ниту брзо. Синдикалните подружници на тогашно АД ЕЛЕМ, сега АД ЕСМ, во ССЕРИ имаа валидност до месец октомври 2017 година, а Синдикалната организација на тогашно АД ЕЛЕМ, сега АД ЕСМ во ССЕРИ, имаа валидност до месец ноември 2017 година. Во ниту една подружница во тогашно АД ЕЛЕМ, а сега АД ЕСМ, не беа спроведени избори за избор на органи од страна на ССЕРИ во предвидениот рок. Потврда за тоа е Решение од Инспекторатот за труд при Министерството за труд и социјална политика од месец ноември 2017 година. Синдикалната подружница на РЕК Битола во рамките на Синдикалната организација на тогашно АД ЕЛЕМ, сега АД ЕСМ при ССЕРИ, пак, имаше валидност до месец декември 2017 година за што доказ е тековната состојба од Централниот регистар на РСМ и Министерството за труд и социјална политика. Тогашниот претседател на ССЕРИ кој ги извршуваше и функциите претседател на Синдикалната организација на АД ЕСМ и претседател на Синдикалната подружница на РЕК Битола, од позиција на претседател на гранков синдикат (ССЕРИ) не ги распиша избори за избор на членови на синдикалните организации во предвидениот рок. Откако доверба му откажаа осум од 15-те членови на Извршниот одбор на Синдикалната подружница РЕК Битола, ги разреши сите органи на Синдикалните подружници при Синдикалната организација на АД ЕЛЕМ, сега АД ЕСМ, со што избори не можеа воопшто ниту да се организираат, рече Јованоски.
Синдикалната организација на АД ЕСМ во кругот на РЕК „Битола“, брои 4.800 членови, и според Јованоски тој е единствениот легитимен синдикат, социјален партнер на раководството на АД ЕСМ.
-Имајќи го во предвид интересот на работниците, со околу 2.200 доброволно потпишани пристапници во РЕК Битола, во декември 2017 година беше формирана Синдикалната организација на АД ЕСМ при МЕСО. До март 2018 година, бројот на членови на Синдикалната организација на АД ЕСМ во сите подружници на компанијата се искачи на 4500 работници, по што беше добиен и документ за репрезентативност со важност од три години. Потоа, беше потпишан и новиот Колективен договор во кој за потсетување, актуелното раководство на Синдикалната организација на АД ЕСМ се избори т.н. К-15 да биде исплатено во целиот износ на просечната плата во државата.
Јованоски рече дека е лицемерно е да се зборува за раскрчмување на имот и злоупотреба на парите на работниците од страна на т.н. Синдикат кој остави зад себе финансиска загуба од близу 20 милиони денари. Потрошени беа без основ парите за огревно дрво што се задржуваа на платите на работниците во висина од 6 милиони денари, а деловните партнери преку кои нашите вработени користеа стоки и услуги на рати, побаруваат огромни суми пари, иако синдикатот ги наплатил од личните доходи. Пред грејната сезона во 2017 година, со крајни напори огревното дрво сепак беше доставено до работниците, за што МЕСО парите ги побарува од ССЕРИ. Доказ е добиена пресуда во Основниот суд Битола, рече првиот човек на МЕСО.
За разлика од некогаш, сега Синдикатот на АД ЕСМ при МЕСО, се грижи за работниците и нивните права секојдневно и постојано ги унапредува. На пример, никој од членовите не мора да тужи пред надлежните судови за да го добие т.н. К-15. Членовите на синдикалната организација ги уживаат придобивките кои ги заслужуваат, како што се : без каматни позајмици, помош во неповратни средства, превентивни одмори, награда за работа во трета смена за Нова година, парични награди по повод Денот на рударите, по повод 8 Март, бањско лекување и можеби најважното – бесплатен ладен оброк за сите вработени. Зголемувањето на платата од декември 2019 година е плод на дијалогот помеѓу Синдикалната организација на АД ЕСМ и менаџментот на компанијата.
Синдикалците на крај ги повикуваа сите надлежни институции да го испитаат нивното , но и работењето на Самостојниот синдикат на работниците од енергетика, рударство и индустрија при Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, а судовите да пресудуваат исклучиво врз основа на законите во земјава.
А.Б