2win800x200

Петар Николовски контра Методија Илиевски, ВМРО-ДПМНЕ контра двајцата советници на СДСМ

Март 05, 2025

Советникот на СДСМ Петар Николовски, кој од неодамна стана и координатор на советничката група на СДСМ во битолскиот Совет вчера во снимена изјава ја нападна Општина Битола дека општинската каса е празна и дека не може да ги сервисира своите обврски. Два дена претходно советникот Методија Илиевски, кој е и потпретседетел на СДСМ и хиерархиски над Николовски, во интервју за онлајн медиум вели дека „општината е финансиски стабилна“.  Разногласието во СДСМ Битола се случува во очи посетата на  заменик претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова Пановска и пратеникот Јован Митрески, кои синоќа беа во Битола на средба со членството.

На контрадикторните ставови на Николовски и Илиевски околу општинската каса и работењето на градоначалникот Тони Коњановски со контра аргуметни се јави и ОК на ВМРО-ДПМНЕ Битола, па го отвори прашањето - На кого да му веруваат граѓаните на Илиевски или Николовски?. 

Советникот Петар Николовски обвини дека  не само што општинската каса е празна туку и дека јавните претпријатија се пред колапс. 

 
 
-Нема нов спортски комплекс, нема ново основно училиште во Буковски ливади, нема авантуристичкиот парк, нема ништо од проектите со кои Коњановски ги освои гласовите на битолчани пред четири години! Ништо од ветеното не изгради, а се осмелува да бара нови предлози за кои администрација допрва ќе испитала што може да се реализира!
И ова е најважното што битолчани мора да го знаат! Коњановски и неговите најблиски соработници ја доведоа општината во состојба да не може редовно да ги сервисира своите обврски. Општинската каса е празна, јавните претпријатија се пред колапс, рече Николовски.
 
Два дена претходно потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски во интервју за порталот 24 инфо, вели дека Општина Битола е „финансиски стабилна“ како и тоа дека им дели субвенции на јавните претпријатија.   
 
-Еве во Битола на пример градоначалникот кој доаѓа од редовите на ВМРО ДПМНЕ, во период од четири години не започна ниту еден капитален објект, а општината е финансиски стабилна. А на почетокот на неговиот мандат наследи полна каса. Јавните претпријатија полека но сигурно влегуваат во долгови. Истите беа финансиски стабилни и независни до пред некоја година, а денес не можат плата да поделат на вработените доколу не добијат субвенции од Општината, вели Илиевски. 
 

Во интервјуто Илиевски одговара и на прашањето -  што за СДСМ ќе се смета како успех на следните локални избори?

-Подобар резултат од претходните избори секако дека може да се смета за успех.  Тоа е сосема очекувано, со оглед на катастрофалните резултати на градоначалниците и советите во општините предводени од  ВМРО-ДПМНЕ, како и од погазените ветувања на владеачката партија дадени на парламентарните избори, кои предизвикаа големо разочарување на граѓаните.

 

По ваквото разногласие на Илиевски и Николовски од СДСМ околу финансиската состојба на Општина Битола  со реакција излезе и ОК на ВМРО-ДПМНЕ Битола. 

Од општинскиот комитет препорачуваат СДСМ прво внатрепартиски да се договорат па потоа да излегуваат на прес-конференции.

-На кого да му веруваат граѓаните на Илиевски или Николовски?
Исто така во интервјуто на Методија Илиевски на прашањето: “На крајот, што за СДСМ ќе се смета како успех на следните локални избори?” Одговорот е следен: “Подобар резултат од претходните избори секако дека може да се смета за успех”. Во одговорот јасно се гледа дека на следните избори СДСМ повторно ќе доживее катастрофален пораз, велат од ОК на ВМРО- ДПМНЕ Битола.
Според партијата - Вистината е следна дека општина Битола е финансиски стабилна и реализира рекорден број на инфраструктурни проекти.
 
-Факт на отворена комуникација на општина Битола со граѓаните преку отворени форумски сесии и јавни анкети е резулатат на тоа што општина Битола е лидер во транспарентоста во Република Македонија.
Ваквиот пристап на отвореност и комуникација со граѓаните ќе продолжи и во иднина бидејќи мислењата на граѓаните се во фокусот на локалната власт предводена од ВМРО ДПМНЕ.
Граѓаните кога ќе дојде време соодветно ќе ги ценат сите проекти кои ги реализира општина Битола.
Паниката која ја има зафатено СДСМ во Битола е очигледна бидејќи покрај со средства од општинскиот буџет како никогаш досега има финансиска поддршка и од владата на ВМРО ДПМНЕ која е повеќе милиони евра со кои се финансираат капитални проекти, велат од партијата во Битола. 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани