АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Пишува: д-р Александар Литовски, исторчар
Во целиот блескав и бучен симултанитет од безбројните извори на светло и звуци во градот, во конфузијата на спојот од староградската и современата архитектонска смисла и бесмисла, во метежот на уличната толпа во која праведниците и вистинските интелектуалци се помешани со блудниците,полицајците, криминалците и питачите, во непрекинатата галама на возила, во рекламните натписи, кратко кажано– во хаосот на современиот град, загрижениот илустратор на актуелната градска разгледница, се чини, нема да пронајде ништо вредно за овековечување.Ваквата жална ситуација, помеѓу останатото, е последица на фактот дека една од главните карактеристики на денешниот модерно организиран /мало/граѓанин, на оној кој држи до својот малограѓански и снобовски имиџ, е онаа често да создава звуци со непотребно високи децибели, односно да произведува бесмислени пискотници и со уживање да учествува во заглушувачката галама. Особено, /мало/граѓанинот не сака и не ја избегнува празничната ѓурултија, кога со денови се пие, јаде, пее, игра и вреска, туку напротив, со цело срце, и се приклучува и ја збогатува со свои разни неартикулирани звуци. Секако, свадбарската парада на „пијанство и кич“ /Балашевиќ/, спаѓа токму во овој вид на забава за малограѓанската клиентела. Во крајна линија, се работи за смртно досадни, секогаш исти, константно репризни и велелепно монотони деноноќни дисхармонични вибрации на паланката, кои измешани со оловно сивиот воздух и велелепната необразованост и простотија, предизвикуваат кај секој разумен човек, барем од време на време, а некогаш дури и често, да добие нагон за повраќање и неодолива желба да побегне во некоја пустелија и самотија.
Еден од клучните аспекти заради кој е можна функционалноста на една изместенатааксиолошка скала во организацијата на градскиотживот, е малограѓанскатаманипулација и банализација на јавната сфера. Политичко-буржоските креатури кои ја поседуваат општествената и финансиската моќ, кои, всушност, заедно со професионалните конзервативно-фашизоидни клирици, се креатори на јавниот живот, и кои, севезден неразбирливо кркорат и вербално онанираат за прогрес и морал,без раска одговорност, практикуваат негативен општествен инеженеринг со кој, не само што креираат грешен идеал за среќа, туку произведуваат слој на привилегирани и субвенционирани полтрони и антиталенти. Сите тие заедно се новата малограѓанска сиригмофонична толпа, која е целосно лишена од етички и политички вредности, која нема никаков стил и вкус, која „ужива“ и е „среќна“ во какафоничната бучава, како што свињата ужива да се прпелка во кал, и која е лишена од способноста за слободно и критичко промислување на стварноста. Нормално, токму такво е и стадото од политички следбеници и религиозни верници кое робовски им е потчинето.
Клонирана толпа од ситни буржуи, политички функционери и полуинтелектуалци, единствено што знае е да прави профит преку измами и криминал, а нејзините припадници секогаш дејствуваат „од позадина“, односно сè некого озборуваат и на некого му подметнуваат. Така, преку празните и бесмислени политички или интелектуални апотеози изрекувани на разните општествени и квазикултурни гала-приеми, преку змиските шиштења на уво за брачните неверствата и хомосексуалните склоности за време на филмските или театарските премиери, преку секојдневните громогласни и невтемелени суперлативи за сопствената способност во парафоничната и оксифонична кафеанска атмосфера, преку мноштвото прошепотени сплетки со алузии за предавства и омрази, се создава и надградува „богатиот“ малограѓански /ситно/буржоаски живот.
Ваквата таутофонична атмосфера и целиот лицемерно-лажен живот во градот во кој антиталентирани и некултурни простаци глумат политичари и имаат свои поддржувачи во ордата од квазиновинари, квазиархитекти, квазиправници, квазипоети, квазиписатели, квазиинтелектуалци, па дури и квазипролетери и квазилуѓе, на крајот ја прави плаузабилна онаа фаталистичка мисла: Од овој град на медиокритетите, порано или подоцна, нема да остане ни камен на камен!
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)