
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во интервју на ТВ Сител изјави дека роденденот на партијата ќе го одбележат работно на 16 и 17 јуни во Битола.
„ВМРО-ДПМНЕ продолжува со работно лето. Имаме два интересни настани кои следуваат во периодот. Викендот на 16 и 17 јуни ќе бидеме во Битола. Симболично, работно ќе го одбележиме многу значајниот настан за нас, а тоа е роденденот на партијата. Нема простор за славење, сето тоа ќе биде во еден работен амбиент. Ќе ги поканиме нашите поддржувачи и симпатизери ширум Македонија да ни се придружат тој викенд во Битола. Јас ќе бидам таму. Инаку во текот на летото ширум Македонија ќе се обидам да посетам стотици, илјадници домови, да поразговарам со луѓето.“
Денес се навршија седумнаесет години од загинувањето на македонските бранители во близина на селото Гајре за време на конфликтот во 2001 година. Битолчаните Влатко Миленковски, Благојче Силјановски и Пеце Матичевски од општина Новаци беа воени резервисти, припадници на баталјонот на Воената полиција од Битолскиот корпус, кои во двојна заседа загинаа на 5 јуни 2001 година, во близина на селото Гајре, на раскрсницата од патот за Шипковица, во долината на реката Пена.
Градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, заедно со повеќе делегации положија свежо цвеќе пред споменикот „Анѓел“ во паркот кај Саат кулата и кај споменикот подигнат на просторот во поранешната касарна. Во нивна чест, беше организиран и Меморијален турнир во мал фудбал, насловен „Влатко, Благојче и Пеце 2001“.
„Денес сме овде не само да им оддадеме помен, туку и да се потсетиме дека никогаш, никогаш не смееме да заборавиме на нивните семејства, на нивните потомци...Меѓутоа и како политичари мора да бидеме одговорни, да водиме политики којшто никогаш повеќе нема да ја доведат Република Македонија во таква ситуација. Тоа е наша должност и тоа мора да го направиме“, рече градоначалничката Петровска.
Концесионерот на ресторанот во комплексот „Довлеџик“ не ги плаќал редовно месечните закупнини, поради што ЈП „Стрежево “ од Битола го раскина договорот кој бил потпишан со претходното раководство за период од 10 години.
Кусо траеја новите клупи кои Општината ги постави пред новата фонтана кај Музејот во Битола. Граѓани објавија слики на кои се гледа дека од една клупа недостасува дел, а другата е значително оштетна, а во незавидна состојба се и останатите. Битолчани на социјалните мрежи прстот го вперуваат во млади несовесни лица кои секој ден и секоја вечер со ролерки и скејтборди се забавуваат на просторот на фонтаната, но и од други неосвесни граѓани кои под дејство на алкохол и дрога го оштетуваат партерното уредување. Полицијата според очевидци во неколку наврати реагирала на собирањето на младите со скејтборди, но за жал тие се таму секој ден и покрај тоа што на само неколку десетици метри во градскиот парк имаа простор за забава со скејтборд.
Пред стартот на летото, во вештачката акумулација „Стрежево“ собрани се 105 милиони метри кубни вода што е рекорд во последните години. Јавното претпријатие „Стрежево“ кое стопанисува со акумулацијата, подготвено ја дочека сезоната за наводнување на земјоделските површини во Пелагонија, а без проблем ќе обезбеди и вода за индустриските капацитети и за водокорисниците од градот преку лето доколку Водовод има недостиг на вода од сопствените извори.
„Нашите деца мора да ги сплотиме со вашите деца, зошто ние имаме заедничка историја, а ова е градот на творецот на модерна Турција, Кемал Ататурк“, ова е пораката од Серкан Асил управител на приватното техничко училиште „Мави Текник“ од Измир кој денеска со делегација престојува во Битола на покана на Техничкото училиште „Ѓорѓи Наумов“ и директорот Владимир Роме.
Во просториите на СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ –Битола денеска на свечен настан беше потпишан меморандум за соработка и збратимување со училиштето „Мави Текник“ од Измир, Турција. На свеченоста присиствуваше и градоначалничката Наташа Петровска , а гостите најавија дека наскоро ќе се збратимат и со една од гимназиите во градот.
Пороен дожд, грмежи и град најавуваат од Управата за хидрометеоролошки работи во попладневните часови.
8000 операции на очи и неколку стотици илјади прегледи во текот на својата лекарска кариера извел признатиот битолски очен лекар, примариус Димитар Котевски, кој вчера почина на 92 години. Позади себе остави големи постигнувања од областа на медицината и науката со кои се впиша меѓу значајните личности на Битола и Македонија. Персоналот го памети како лекар кој меѓу операциите збирал сила рецитирајќи стихови од Шекспир, Гете, Хајне и други, а во операционата сала со својата умешност и знаења на многумина им ја вратил виделината.
Со коњ и мазга, од Битола до Солун, на пат долг 240 километри утрово тргнаа францускиот дипломат и писател Емануел Рембер и новинарот и историчар Емануел Ешт, придружувани од битолскиот професионален водич Петар Нолев.
Дворот на Офицерски дом во Битола станува бесплатен паркинг. Во последно време таму расте бројот на паркирани возила. Некои битолчани во кругот на оваа споменична целина си најдоа широко поле за да ги паркираат возилата без да платат. На местото каде што некогаш беше летниот ресторан и се одржуваше фестивалот "Серенада на Широк Сокак" сега се паркираат коли. Нема информација дека некој до сега бил казнет, нити некој ги попречил во намерата.