2win800x200

Анета Блажевска

Анета Блажевска

Државната изборна комисија (ДИК) попладнево на 128 седница ги усвои роковите за сите дејствија за одржување на Локалните избори 2025, откако претходно денеска нив ги распиша претседателот на Собранието, Африм Гаши. 

Првиот круг за избор на градоначалници и членови на советите на 80 општини и на градот Скопје ќе се одржи на 19 октомври, а вториот круг од изборите за градоначалници треба да се одржи на 2 ноември, во единиците на локалната самоуправа во кои изборите нема да завршат во првиот круг.

Изборната кампања за првиот криг почнува на 29 септември во 00.00 часот и трае непрекинато до 17 октомври до 24 часот. За вториот круг изборната кампања трае до 31 октомври до 24 часот.

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, ги соопшти обврските според Роковникот/Календарот кои, рече, ќе бидат објавени како посебни/поединечни изборни дејствија. 

Соопшти дека од денот на распишување на изборите, односно од денеска, ДИК ќе достави писмено барање до Министерството за внатрешни работи за ажурирање на Избирачкиот список и за 48 часа МВР ќе треба да достави податоци.  Од 23 август до 11 септември до 00.00 часот Избирачкиот список ќе биде ставен на јавен увид во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК (кои ќе работат во две смени) каде што граѓаните ќе може да ги проверат своите податоци. Избирачкиот список ќе биде заклучен најдоцна 15 дена по завршување на јавниот увид односно 26 септември.

До 13 септември до 24 часот е рокот до кога ќе може да се поднесуваат листите на кандидати на учесници на изборите до општинските изборни комисии.  Жрепката за редни броеви на гласачко ливче ДИК ќе ја организира најдоцна до 25 септември. Најдоцна до 16 октомври, односно три дена пред изборите, сите подносители на листи со потврдени кандидати имаат право да достават предлози за овластени претставници односно набљудувачи на изборите до изборните органи – до ОИК и за набљудување на денот на гласање за избирачките одбори.

Најдоцна до 27 септември ќе се потпише Кодексот за фер и демократски избори.

-Сите учесници на изборите со потврдени кандидатски листи должни се да отворат трансакциска сметка наменета за избори и да обезбедат Единствен даночен број најдоцна 48 часа по потврдувањето на нивните кандидатски листи од ОИК, рече Кондарко. 

Кривична пријава против четири лица за тешка кражба, нанеле штета од над 10 милиони денари на ЈП за железничка инфрастрактура  

СВР Битола до Основното јавно обвинителство Битола поднесе кривична пријава против М.М.(39) од Ресен и И.Б.(19) од Ресен поради постоење основи на сомнение за сторени две кривични дела „тешка кражба“ и против Д.Н.(29) од Битола и М.Џ.(27) од Охрид поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „прикривање“.
Прво и второпријавениот, во периодот од 01.02.2025 до 23.04.2025 во два наврати извршиле „тешка кражба“, при што на делница од Битола до село Кременица одзеле поголема количина на акумулатори, сопственост на Јавно претпријатие за железничка инфраструктура – Железници на Северна Македонија. Додека, трето и четвртопријавениот за одредена сума ги откупиле предметите и покрај тоа што знаеле дека потекнуваат од кривично дело и не го пријавиле во МВР.
На тој начин пријавените предизвикале материјална штета во висина од 10.606.746 денари. На прво и второпријавениот од страна на судија на претходна постапка одредена им е мерка притвор во траење од 30 дена.

СЕ ПОСТАВУВА СПОМЕНИКОТ НА ВОЈВОДАТА АЛЕКСАНДАР ТУРУНЏЕВ

 
Споменикот на познатиот македонски војвода Александар Турунџев денес од општинскиот двор беше пренесен и поставен на постаментот на новиот кружен тек кај Ат-пазар. Во наредните денови ќе се изведуваат завршни работи на постаментот, како и хортикултурно уредување на околниот простор.
Работите се планира да завршат до 30 август, кога се одбележуваат 120 години од смртта на војводата.
Одлуката за подигнување на споменикот беше донесена во 2015 година, а самиот споменик беше изработен и сместен во општинскиот двор пред осум години. За неговото поставување на местото каде што бил обесен, требаше претходно да се изгради кружниот тек.
Со заложбата на градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кружниот тек кај ветеринарната станица е изграден, а за три недели просторот ќе биде целосно уреден, а споменикот поставен на достојно место.

Водовод Битола со соопштение до граѓаните за прекинато водоснабдување на Брусничко-лавчанскиот регион. 

 
Ве известуваме дека во текот на денешниот ден 08.08.2025 ( петок), поради дефект на водоводната мрежа, со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од населба БЛР1 и БЛР2.
Прекинот ќе трае од 10:00 часот до завршување со активностите.

„КЛАРИНЕТСКА ОДИСЕЈА“ СО УНИКАТНАТА МУЗИЧКА ЧЕТВОРКА СО СВЕТСКО РЕНОМЕ – УТРЕ НА БИТ ФЕСТ

 
Како нов начин на меѓуинституционална соработка, поддржана од Министерството за култура и туризам, во рамките на повикот за креативни индустрии, публиката во Битола, утревечер во рамките на БИТ ФЕСТ, ќе има можност да го проследи концертот насловен „Кларинетска одисеја“. Овој настан е резултат на многу труд и соработка помеѓу Општина Битола, КИЦ, Народен театар и Центар за култура, а во својот концепт ќе понуди незаборавна вечер со  најуникатната музичка четворка со светско реноме, четворицата мајстори на кларинетот: Исмаил Лумановски, Благојче Трајковски, Горан Бојчевски и Благој Ламњов.
 
„Ова е плод на едногодишно договарање, преговарање, со оглед на тоа дека сите четворица еминентни кларинетисти, имаат свои турнеи, свои аранжмани. Ова е концерт во кој ќе бидат презентирани значењето, можноста и иднината на вакви заеднички концерти во Општина Битола и се надеваме дека БИТ ФЕСТ догодина ќе го претвориме и во фестивал на амбасадори на културата на Македонија и Битола“, рече Благојче Божиновски, директор на ЈОУ КИЦ Битола, на денешната прес конференција.
 
Градоначалникот Коњановски, ја повика публиката на заедничко уживање во Хераклеја, утревечер од 21.00 часот, нагласувајќи дека, Битола е град кој има публика за вакви манифестации.
 
„Ова е најава на еден спектакуларен концерт на наши виртуози, наше, а светско, именувано како „Кларинетска одисеја“, настан кој во склоп на Битолското културно лето е продолжение на она што оваа летна сезона го видовме досега. Сеуште сме под импресии на огромниот интерес на концертот на еден друг тип на музика, електронска музика со Армин Ван Бурен на Стадионот „Петар Милошевски“, кој се одржа на огромно задоволство на публиката. Она што утревечер ќе го имаме, значи многу за Битола и битолчани, имајќи предвид дека со нас се битолчани и велешанец кои ќе ни презентираат дел од нашето национално богатство и заедно со онаа креативност која ја носат, навистина е гордост да се биде утревечер на Хераклеја“, рече Тони Коњановски, градоначалник на општина Битола.
 
Главен координатор на содржинскиот концепт на настанот е Оливер Јосифовски, кој истакна:
 
„Нивните животи и достигнувања се многу интересни, како и нивните растежи во музиката. И тоа е навистина интересно кога човек ќе биде заедно со бендот. Присуството утревечер на Хераклеја и самите музички теми кои што ги обработувавме овие месеци и последниве седмици посебно, нас ни вродија една нова музичка материја, врзана со времето во кое живееме, но исто овие луѓе носат и една богата музичка традиција и се културни амбасадори, во земјите во кои што се наоѓаат, онаму каде што патуваат, но и кај нас. Заедно со хорот на Марина Коруновска, кој што ќе биде дел од настанот ќе имаме едно спектакуларно доживување за утрешниот концерт“, рече Јосифовски.
 
„Во Битола навистина имаме една културна револуција во моментот и сите сме вклучени на некаков начин, со што имаме и инспирација да работиме и да соработуваме со вакви уметници кои што ги покажуваат своите квалитети надвор од Македонија и ја претставуваат Македонија во најдобро и најубаво светло преку музиката и она што тие го етаблираат во светот за Македонија, имаме можност сега и ние како хор „Коруновска Арс Нова“ да бидеме дел од овој проект“, рече Марина Коруновска, која најави дека концертот ќе биде спој на вокалната и инструменталната музика, преку симбиоза на македонска прекрасна музика.
 
„Многу сум среќен, што во Битола и во Македонија, постојат луѓе кои што ја препознаваат моќта на уметноста. Ние уметниците сме како едно цвеќе, ние зависиме од народот, а народот зависи од нас. Сами не можеме да придонесуваме во општеството, колку што човек може да го направи тоа со заедништво. Македонија има публика која препознава кое цвеќе треба да се вади. Уметноста не е забава, таа е многу повеќе од тоа“, рече Благој Ламњов.
 
„Годинава доаѓаме тука со веселба, со среќа. Со овие мои колеги, после 20 години, повторно се вратив во детството. Со Исмаил и Благојче растевме заедно и вежбавме некаде во визбите на Музичкото училиште, но ентузијазмот и љубовта кон музиката беа толку големи што би рекол Бог, повторно не здружи заедно“, рече Горан Бојчевски.
 
„Ова нема да биде само обичен концерт. Ова ќе биде настан кој изобилува со многу емоција, затоа што сите ние кои ќе бидеме како солисти на сцената, имаме многу спомени низ годините наназад, иако доста време не сме се виделе. Сепак растејќи во Битола и преку нашето образование, ние имаме многу спомени, многу приказни за она што сме го доживувале заедно. Затоа овој концерт има една посебна емотивна нишка која што ќе не води низ целиот настан. Пробите поминуваа со солзи, а сигурно и утре ќе има по некоја солза, во чест на сите оние среќни моменти кои сме ги доживеале некогаш и ќе ги доживуваме утре“, рече Благојче Трајковски, нагласувајќи дека БИТ ФЕСТ е најголемото културно летно случување во нашата држава и тоа треба да се потенцира и да се означи како еден пример како треба да функционираат општините и сите градски центри во државата.
 
„Мислев дека немавме толкав капацитет сите овие врвни уметници од светот да дојдат и да се соберат во еден ден. Но, ова е голем и волшебен момент. Кларинетот има сила која што ги поврзува луѓето. Кога ги спојуваме силите, цел свет може да не препознае, затоа што ние имаме традиција за овој инструмент. Ќе биде навистина голем спектакл“, рече Исмаил Лумановски.
 
Репертоарот на концертот „Кларинетска одисеја“ ќе понуди разновиден музички мозаик составен од традиционални, класични и модерни теми, меѓу кои: „Ако одам во Битола“, „Lily – Waltz for Chicago“, темпераментното „Flamenco“, виртуозното „Стамболско“, емотивната „Schindler’s List“, спојот на „Калеш Анѓа“ и „Калајџиско“, потоа „Кољо“, динамичното „Касапско оро“, „Sheva“, делото на Вивалди, како и композициите „Зејтинлиско“, „Пелистерско“, „Етно Via Bairot“, „EZ Pass“, како и други композиции кои произлегуваат од македонскиот фолклор..
 
Покрај четворицата виртуози кои ја водат оваа музичка одисеја со своите кларинети и хорот „Коруновска Арс Нова", на сцената ќе настапат и врвни музичари кои ќе ја збогатат звучната слика на концертот: Давор Јордановски на пијано и клавијатури, Оливер Јосифовски на бас, Алек Секуловски на тапани, Зоки конги, Ади Имери на акустични и електрични гитари, Ристо Крстевски на хармоника, Илија Мицев на труба и Александар Петров на тапан.
 
Особено емоционален момент ќе внесе и делот збогатен со поезија насловен „Елегии за кларинетот“, чиј автор е Зоран Пејковски, а ќе бидат изведени од актерката Јулијана Мирчевска.

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани