
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Интензивно се чистат каналите околу Индустриската зона Жабени, до новата железничка пруга кон соседна Грција, локации каде каналите не биле чистени повеќе од десет години. Акцијата за чистење на каналите ја спроведува фирмата „Битолско поле“, која го стопанисува, користи и одржува системот за одводнување во битолскиот дел на Пелагонија и која работи во состав на АД Водостопанство на РМ.
Според раководителите на оваа подружница, во изминатава 2018 година од страна на подружница „Битолско поле“ Битола на територијата на општина Битола се исчистени 23 одводни канали со вкупна должина од 25850 метри.
Биомасата и нејзината искористеност за загревање повторно ги седна на заедничка маса пограничните општини Новаци од македонска страна и Аминдео од грчка.
Во Младинскиот културен центар во Новаци се одржа состанок помеѓу претставници на општина Новаци, АПРЗ и грчките партнери ДЕТЕПА, КРЕС и КЛУБЕ во рамките на проектот Agrowchain - „Одржливо менаџирање на агро отпадот за загревање на рурални средини“.
Проектот трае 24 месеци, започна во јуни годинава, а денеска беше третата сесија на партнерите во проектот .
-Ние како општина сме партнер во проектот, се работи за вкупни финансии од 216 илјади евра кои со овој проект треба да се искористат за набавка на механизација. Со таа механизација ние ќе собираме биомаса која подоцна ќе ја користиме за загревање на парен котел и затоплување на градинката во Новаци. Сега правиме анализи и анкети со земјоделците дали се подготвени еден дел од отпадот да го отстапат за биомаса. Веќе распишавме тендер за набавка на трактор со приколка, потоа приклучни машини , котелот за затопливање и балирачката, рече градоначалникот на Општина Новаци, Љубе Кузмановски.
Дваесетина дена црквата „Света Богородица“ во битолското село Трново е без струја, се жалат од Црковниот одбор. Велат дека струја снемало на 18 ноември кога влажниот и тежок снег ги искинал жиците од бандерите. Во исто време без струја останаа и повеќе битолски села, но таму дефектите беа санирани.
Протест за чист воздух се одржа попладнево пред Општина Битола во организација на независната советника група Поинаку. Присутните на протестот побараа да се преземат мерки за намалување на аерозагадувањето и субвенционирана цена на струјата во Битола.
Вработените од ЈП„Пазари“ –Битола, денеска на паркингот кај Новиот пазар се вклучија во еднодневна акција за чистење на отпадоци и остатоци од смет и земјоделски производи на земјените површини околу пазарот. Иако просторот непосредно до паркингот е во приватна сопственост, сепак лошата слика е последица од работата на пазарџиите и купувачите, па вработените решиле состојбата да ја поправат со расчистување и собирање на ѓубрето околу паркингот. Иницијативата за акцијата доаѓа од новиот директор на ЈП „Пазари“, Владо Атанасовски, кој на оваа фукцијата е од почетокот на овој месец.
Протестот организиран од советничката група на „Поинаку“ е апсурден, лицемерен и единствено служи за политички публицитет на организаторот, обвини Методија Илиевски,
Утрово на 81 година почина театарскиот и филмски режисер, драмски писател, теоретичар на театарот и професор по театарска режија и актерска игра Љубиша Георгиевски.
Тој е роден во Битола на 30 мај 1937-та година.
На македонската јавност и е познат и како кандидат за претседател во 1994-та година, беше амбасадор во Бугарија од 2000-2004 и претседател на Собранието на Република Македонија од 2006-2008.
Веста за смртта на Георгиевски на социјалните мрежи ја објави актерот Роберт Вељановски.
-Утринава Македонија се збогува со еден од најголемите нејзини синови! На 81 годишна возраст, почина најголемиот македонски театарски режисер, еден од најголемите умови што се родиле под македонското сонце, професорот Љубиша Георгиевски!!! Утринава почина мојот театарски татко!!!
Бог да те прости професоре и да ти подари царство небесно!!!, напиша Вељановски.
По повод новогодишните празници, Извршниот одбор на Здружението на пензионери од Битола, одлучи да додели новогодишни подароци на 40 деца од посебните паралеки во Основното училиште „Ѓорги Сугарев“. На овој начин пензионерите сакаат да им ги разубават празниците на дел од децата со посебни потреби од ова училиште, меѓу кои има и социјални случаи.
Ова беше една од одлуките што ги донесе Извршниот одбор на денешната седница под претседателство на Томе Димитровски. На седницата беа разгледани повеќе прашања од доменот на активностите на пензионерите. Оценето е дека досегашната соработка со Здруженијата на пензионери од другите градови низ Македонија добро се одбива, а и во иднина се планираат активности за понатамошно интензивирање на соработката. Воедно, прифатено е и барањето на хорот „Сирма Војвода“ на 23 декември годинава да одржи целовечерен концерт во Центарот за култура.
Битолчани не покажаа голем интерес да ја искористат мерката за субвенционирање на велосипеди, средства издвоени од општинскиот Буџет. Иако често на социјалните мрежи многумина бурно реагираат за аерозагадувањето кое , меѓу другото, доаѓа и од густиот сообраќај, 40 проценти од парите останаа неискористени, а останатите ќе бидат пренасочени за субвенционирање на печки на пелети.
Филип Грозоски од Прилеп, заедно со неговиот пријател, ја освоија најпосакуваната МИЛИОНЕР ЏЕК ПОТ на Државна видеолотарија на РМ.МИЛИОНЕР ЏЕК ПОТ добивката вредна 1.454.620, 00 денари,е освоена на 01.12.2018 во Делта Бет Моцарт во Прилеп.
