
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Битолската полиција затекна двајца визачи без дозвола да управуваат моторно возило. На 07.02.2026 во 02:10 часот на бул. „1 Мај“ во Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишија од слобода Д.И.(30) од Битола. При контрола во сообраќајот, полициските службеници сопреле патничко возило „цитроен" со прилепски регистарски ознаки, управувано од Д.И., при што било констатирано дека Д.И. не поседува возачка дозвола. По насоки од јавен обвинител, возилото е одземено и по документирање на настанот, ќе следува соодветна пријава.
МВР информира дека дете било нападнато од куче при што се здобило со повреди. Дознаваме дека кучињата биле одгледувани од месното население во населбата Баир. Официјално МВР известува "На 06.02.2026 во 15:53 часот во СВР Битола од страна на доктор од Клиничка болница Битола е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот" .
Битолската клиничка болница информира дека онколозите од Универзитетската клиника за Онкологија од Скопје продолжуваат со прегледи во Битола.
Термини за февруари:
Независниот полициски синдикат за утре најави протест во Битола на кој ќе побара неселективен пристап за заканите за тепање и убивање на полицајци кои можеа да се слушнат на протестите што се организираа неделава откако полицијата им одзеде возила бидејќи возеле без возачка по стапувањето на сила на „Безбеден град“.
„Како одговорен синдикат ќе организираме мирен марш со цел да се актуелизира и јавно да се побара доследно и еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без исклучоци и без селективен пристап. Повод за маршот се последните јавни изјави и настани во Битола, во кој поединци се закануваа дека ќе тепаат и убиваат полицајци доколку се обидат да ги спроведат законите, кои повторно ја отворија темата за двојните аршини во постапувањето на институциите кога се работи за полицајци и останати граѓани и создадоа чувство на неправда. Целта на маршот не е насочена против ниту една етничка, социјална или друга заедница, туку е јасен апел и крик за потребата од владеење на правото, каде што законот ќе важи подеднакво за сите, без разлика дали се работи за полицајци, граѓани или институции“, најавија од НСП.
Барањата кои ќе се упатат од маршот се: еднаков третман пред законот за сите извршители на кривични дела, а не само на полицајците, крај на селективната правда и притвор за сторителите, бидејќи за ваков сличен настан пред само 2 години кој се случи во Прилеп, кога лице се закануваше на обвинителка веднаш беше побарано и определено притвор, барање за итна промена на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и враќање на поранешната глоба која изнесување 1000 евра за омаловажување на државни органи и полициски службеници, наместо сегашните 50, односно 150 евра.
Универзитетскиот професор Филип Поповски од Битола е избран за нов член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ . Поповски е актуелен советник во Советот на општина Битола. Нов генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ е пратеникот Драган Ковачки.
Оваа одлука е донесена на Централниот комитет на партијата кој се одржа вечерва. За членови на ИК на ВМРО-ДПМНЕ се избрани Александар Николоски, Владо Мисајлоски, Гордана Димитриоска Кочоска, Тимчо Муцунски, Луке Галески, Никола Мицевски, Антонио Милошоски, Дафина Стојановска, Рашела Мизрахи, Влатко Ѓорчев, Кирил Пецаков, Марија Андоновска, Ели Панова, Игор Јанушев, Марија Митева, Благоја Ташеминов, Орце Ѓорѓиевски, Онер Јакуповски, Драгана Бојковска, Синиша Стојановски, Стефан Андоновски, Филип Поповски и Бобан Николоски.
Кон овие членови ќе се придружат и новите претседатели на Унијата на жени, Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и Унијата на ветерани. Организационен секретар е Ивица Томовски, а шеф на кабинет на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ е Владимир Нелоски, кој истата позиција ја има и како дел од владиниот кабинет на премиерот.
СВР Битола информира - На 05.02.2026 во 21:40 часот во с. Крклино, битолско, полициски службници од СВР Битола ги лишиле од слобода М.Ѓ. и Г.Д., двајцата од Битола, затоа што кај нив била пронајдена прашкаста материја и предмети со остатоци од прашкаста материја. По документирање на настанот, против нив ќе следува соодветен поднесок.
На 6. февруари 1945 година во битолската гимназија, за прв пат во едно македонско средно училиште се одржа наставен час на современ македонски јазик.
На првиот наставнички совет со кој претседавал директорот Орде Печијаре биле донесени шест одлуки, меѓу кои и одлуката, на 6 февруари во гимназијата во Битола да се одржи првиот наставен час на современ македонски јазик.
– Скромно украсената сала на гимназијата беше шумна. Се дигна завесата и молк. На бината се појави првиот директор на гимназијата, Орде Печијаре. Тој објави дека гимназијата започнува со редовна настава на македонски јазик. Одекна силен аплауз. Потоа претставниците на народната власт ги поздравија присутните и зборуваа за значењето, задачите и улогата на гимназијата во ослободената татковина. Членовите на штотуку формираниот градски театар заедно со културно уметничка група при гарнизонот изведоа пригодна програма. Тогаш по прв пат стиховите на Константин Миладинов „Т’га за југ“, „Бисера“, „Голапче“ и други, како и стиховите на Кочо Рацин и убавиот мелос на македонските народни песни, ги растреперија срцата на присутните, се нагласува во монографија на гимназијата.
Редовната настава ја следеле 572 ученици во 13 мешани паралелки, а првата учебна година завршила на 20 јуни 1945 година. Битолската гимназија ги менувала имињата, па така во периодот од 1945 до 1952 година го носела името на Гоце Делчев, во периодот на Нижата гимназија која работела само една учебна година 1951-1952 и се викала Никола Карев, а од 1952 година и денес го носи името на Јосип Броз-Тито. Без разлика на временските периоди, во градот под Пелистер, најпозната е по името Горната Гимназија.
Денес, секој ден, во холот на гимназијата со гордост на мермерна плоча изложени се ликовите и имињата на пет народни херои, средношколци кои учеле во гимназијата, а тоа се Стеван Наумов-Стив, Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Кузман Јосифовски-Питу и Елпида Караманди.
Учениците и наставниот кадар од секоја генерација со задоволство истакнуваат дека дел од нивната генерација биле ученици, а во животот станале академици, тогашните средношколци Петре М. Андреевски, Томе Бошевски, Кирил Миљовски, Фанула Папазоглу, Коле Чашуле, Владо Камбовски, Љубен Лапе, Ѓорги Филиповски, Анте Поповски, Ѓорѓи Чупона, Михаил Петрушевски, Петар Серафимов, Ристо Лозановски, Живко Попов, Димче Коцо, Александар Христов, Георги Константиновски и писателот Владимир Костов, почесен член на МАНУ.
