2win800x200

Анета Блажевска

Анета Блажевска

РАБОТИЛНИЦА ЗА ПРАВЕДНА ТРАНЗИЦИЈА НА ПЕЛАГОНИСКИОТ РЕГИОН ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА МКЦ БИТОЛА И ЛЕСС БИТОЛА

 
Младинскиот културен центар – Битола во соработка со Локалниот економско-социјален совет на Општина Битола (ЛЕСС Битола), денес организираше работилница на тема „Планирање на праведната транзиција на Пелагонискиот регион". На настанот учествуваа претставници од ЛЕСС на општините Битола, Ресен и Демир Хисар, како и други локални актери вклучени во процесите на одржлив развој и енергетска транзиција.
 
Целта на работилницата беше да се зајакне регионалната соработка и капацитетот на локалните економско - социјални совети во процесите на донесување одлуки поврзани со праведната транзиција – процес кој обезбедува премин кон одржливи извори на енергија без да се занемарат социјалните и економските аспекти на заедницата.
 
На настанот се обратија Мери Нашоку од МКЦ Битола и Борче Димитровски, секретар на Општина Битола и заменик-претседавач на ЛЕСС Битола, кои ја истакнаа важноста од вклучување на локалната заедница во креирањето на иднината на регионот.
 
Секретарот на општина Битола Борче Димитровски истакна дека е многу важно во целиот процес на праведна транзиција да се влезе со искрени намери од сите страни, со постојана и навремена комуникација и информирање на јавноста.
 
Претставнички од граѓанската организација Еко-свест, Елена Николовска и Марија Штерјова, ги презентираа состојбите и можностите поврзани со процесот на праведна транзиција, како и потенцијалите за развој на обновливи извори на енергија во Битолскиот регион.
 
Преку „Преглед на процесот на праведна транзиција во земјата и улогата на ЛЕСС", Елена Николовска од организацијата Еко-свест даде јасен преглед на националниот контекст и напредокот на државата во процесот на праведна транзиција, особено во насока на напуштање на јагленот како примарен енергетски извор. Таа истакна дека праведната транзиција претставува сложен, но неопходен процес кој бара вклучување на сите засегнати страни – институции, граѓани, работници и граѓански организации – со цел да се обезбеди одржлив и фер премин кон зелена економија. Посебен акцент беше ставен на улогата на Локалните економско-социјални совети (ЛЕСС), кои имаат клучна функција во градењето на политики и иницијативи што одговараат на специфичните потреби на локалните заедници, со што се овозможува поинклузивен и поодржлив пристап во креирањето на транзициските мерки.
 
Марија Штерјова од Еко-свест ја претстави долгорочната визија за развој на Битола како зелен и енергетски одржлив град. Таа нагласи дека Пелагонискиот регион, со своите природни ресурси и географска положба, има значителен потенцијал за развој на обновливи извори на енергија, особено во делот на соларната и енергија од ветер.
 
Учесниците активно се вклучија во размена на мислења, искуства и предлози поврзани со процесот на праведна транзиција во Пелагонискиот регион. Дискусијата се фокусираше на клучните предизвици со кои се соочуваат локалните заедници, како што се недоволната информираност, потребата од подобра координација меѓу општините и недостатокот на конкретни планови за искористување на обновливите извори на енергија. Присутните истакнаа дека е неопходно поголемо учество на граѓаните и локалниот бизнис сектор во процесот, како и зголемена улога на ЛЕСС во креирањето на локални политики. Сесијата заврши со констатација дека само преку отворен дијалог и соработка меѓу сите засегнати страни, процесот на праведна транзиција може да биде навистина инклузивен и ефективен, а за таа цел беше донесен заклучок за утврдување на акциски точки за следниот период – ЛЕСС овите од регионит да бидат партиципативно тело за предлагање на проекти за праведна транзиција во регионот преку искористување средства од Европските фондови.
 
Работилницата се одржа во рамките на проектот „Унапредување на социјалниот дијалог во заедницата", со поддршка од Меѓународниот центар Олоф Палме од Шведска, и претставува прв во низата настани посветени на оваа значајна тема за иднината на Пелагонија.

КЈП НИСКОГРАДБА БИТОЛА продолжува со интервенција на санација на ударните дупки во централното градско подрачје со 20 тони асфалт. 

Се надеваме за Ваше разбирање околу предизвиканиот метеж во центарот на градот - продолжува и изградбата на атмосферската канализација во БЛР4 улица 170, соопштија од претријатието.

Прво место освои Економското училиште "Јане Сандански" на натпреварот од областа - циркуларна економија, организиран од страна на Економскиот факултет во Прилеп.

 -Нашиот тим составен од учениците: Изабела Шишковска, 
Бојан Нацов, 
Андреа Трајковска и 
Андреа Наумовска, 
под менторство на професорката Соња Карапашовска, 
беа најдобриот тим од вкупно 17 тимови кои учествуваа на натпреварот, велат од Економското училиште во Битола.
 
Натправарот го  оценуваше жири комисија составена од претставници на бизнис заедницата, Орде Ѓорѓиоски, директор на правен сектор Vitaminka, Христијан Божиноски, менаџер за продажба Comfy Angel и Александар Матески, директор на сектор за правни и корпоративни работи Прилепска пиварница / Prilep Brewery и претседател на Надзорен одбор Пакомак.
 
 

„ПЕЛИСТЕР СИМБОЛ НА ОБЕДИНУВАЊЕ“ – ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА АКТИВНОСТИТЕ И СТУДИЈАТА ЗА РАЗВОЈ НА НП ПЕЛИСТЕР

 
Во салата на Советот на општина Битола, се одржа средба на Советот на засегнатите страни, во организација на Националниот Парк Пелистер, на која присуствуваа градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, директорот на НП Пелистер Иванчо Тошевски и претставници од оваа јавна установа, професори од Факултетот за туризам, советници во Советот на општина Битола и останати присутни, љубители на Пелистер.  На средбата, беше промовирана и Студија за развој на летниот и зимскиот туризам на Пелистер, финансирана од општина Битола со одлука на Советот на општината, согласно Програмата за туризам.  
 
Градоначалникот Тони Коњановски истакна дека еко-туризмот може да биде еден од важните локални економски двигатели за регионот. 
 
„Потенцијалите кои што ги има Пелистер се огромни, добро познати на сите, но, сите ќе се сложиме дека се недоволно искористени. Она што го нуди оваа студија, треба да придонесе прво да ги согледаме потенцијалите кои што ги имаме, но и она што не сме свесни дека постои. Да ги сублимираме европските искуства во овој дел на развојот на туризмот и да направиме една сеопфатна студија, која ќе ги укаже потенцијалите имајќи го во предвид еколошкиот пристап во делот на развојот на туризмот, развојот на заедницата, локалниот економски развој, а еден од двигателите за локалниот економски развој се потенцијалите кои ги нуди туризмот. Сите заедно треба да направиме нешто за целиот регион, бидејќи Пелистер не е само на Битола, туку и на целиот регион“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски. 
 
Директорот на НП Пелистер Иванчо Тошевски, пред присутните ги истакна предизвиците со кои се соочува НП Пелистер во овој период, плановите за работа во 2025 година и целосното воспоставување на систем на планински патеки. Пред присутните беа презентирани новата веб страница и новото брендирање (лого) на Националниот парк Пелистер.  
 
Еден од изработувачите на студијата, проф. д-р Сашо Коруновки, посочи дека вредностите на Пелистер треба да се користат, но не да се искористат, туку да се зачуваат и за идните генерации. Студијата користи инклузивен пристап и пред се има за цел да овозможи успешен туризам не само на Пелистер, туку и на Битола. За развој на туризмот е потребна одржлива инфраструктура и добра продажба, односно добро понудени потенцијали на туристите, истакна Коруновски.

ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА ПАТРОНИОТ ПРАЗНИК НА ОУРЦ „КОЧО РАЦИН“

 
Основното училиште со ресурсен центар „Кочо Рацин“ од Битола, со повеќе активности го одбележа својот патрон празник. Денес, во Центарот за култура во изведба на учениците и тимот од училиштето се одржа пригодна програма и чествување на традицијата и вредностите во чест на Коста Апостолов Солев Рацин.
 
Организаторите и учесниците на настанот уште еднаш покажувајќи ги своите креативност и ентузијазам докажаа дека секое дете заслужува можности за вклучување, поддршка и љубов, а попреченоста не е пречка за заеднички успеси. 
 
На денешниот настан, присуствуваше и градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој нагласи дека, успешноста на ваквите случувања е потврда на заложбата за постигнување заедништво и напредок, преку инклузивност, вреднување на посветеноста и мотивирање на младите за нови резултати.
 
На градоначалникот Коњановски, му беше доделена благодарница од училиштето за искажаната љубов, емпатија и заложба во создавањето инклузивна средина во која децата со попречност можат да ги развијат своите потенцијали и да бидат рамноправен дел од задницата.

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани